Досега осум обиди да се избере претседател на Уставниот суд пропаднаа.
Вчера се гласаше двапати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови.
Седницата за избор на претседател на Уставниот суд, започна на 30 мај и досега имаше осум круга гласања.
Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно.
Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година, по што од вчера таа продолжи да ја извршува функцијата судија на Уставен суд.
Инаку, во игра за претседателската фотелја беа уставните судии Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска Данева и Осман Кадриу, а никој не ги доби потребните гласови, по што судијката Павловска Данева се повлече.
Јавноста станува загрижена дека се одолговлекува постапката за иницијативи кои чекаат да бидат разгледани. Штетите паѓаат на грбот на граѓаните и на бизнис секторот. Таков е случајот со поднесените иницијативи за преиспитување на уставноста на членот 368 од Законот за облигациони односи.
Согласно правилата, секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.
Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно.
Во делот на работата со предмети, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат, предметите се поделени на судии и советници, велат од Уставен.
Сега се очекува кандидатура на некој од следните актуелни судии во Уставен суд кој ќе треба да ја преземе претседателската функција – Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.