Сè уште ја немам поднесено кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз. Веројатно тоа ќе го сторам во среда, некаде околу 10:30 часот. Официјално ќе се кандидирам и тоа веќе и го потврдив.
Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го најави ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка во Собранието, Славјанка Петровска, посочувајќи дека со кандидатурата за лидер на СДСМ ќе претстави и програма, за тоа, како што рече, која е нејзината визија за иднината на партијата.
„Секогаш се трудам да бидам прагматична. Помалку филозофија и теорија, а повеќе практичност. Ќе биде поделена на неколку сегменти, односно за она што ќе мора итно, веднаш да се направи, а што ќе мора на подолг рок, СДСМ да го направи. Името на таа моја програма ќе биде ‘Манифест за социјалдемократијата‘. Изминатиот период многу се зборуваше и СДСМ како водечка партија во власта даваше приоритет на тоа што се државни политики. Во делот на партиското дејствување малку повеќе се занемари социјадемократијата. Тоа и низ разговорите со членовите ќе го видите како една од главните забелешки. Во програмата ќе зборуваме многу за социјалдемократијата и за тоа како во иднина треба да се однесуваме како социјалдемократи“, рече Петровска.