Северноатлантската алијанса ќе ја зголеми поддршката за Украина, но нема да испрати свои војници во таа земја, за да не стане „дел од конфликтот“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Иако ја зголемуваме поддршката за Украина за да се одбрани, не планираме да испратиме војници на НАТО во Украина или да го прошириме чадорот за воздушна одбрана на НАТО во Украина. НАТО нема да стане дел од конфликтот“, рече Столтенберг во интервју за Германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.
Според него, теоретски би било можно да се соборат руски ракети од територијата на Полска или Романија, на пример, со помош на батерии „Патриот“.