Повредената жена од сообраќајката кај Башино Село препратена на Скопските клиники

Повредената жена од сообраќајната несреќа што се случи денеска во 16:00 часот на крстосницата кај Башино Село близу Велес на автопатот Скопје-Гевгелија е препратена на Скопските клиники, а нејзиниот сопруг е задржан во велешката Општа болница.

-Повредената 73 годишна жена М.И. од Гевгелија од сообраќајката кај Башино Село кај Велес попладнево по приемот во велешката Општа болница и направени снимања поради сериозноста на повредите – скршеници на натколеница вечерва со возило на Итна помош е препратена на понатамошно лекување во Скопските клиники. Таа е вон животна опасност, информира Марина Андова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.

Нејзиниот сопруг 79 годишниот Д.И., додаде, е задржан на лекување во Хируршкото одделение на велешката Општа болница. Него му биле направени рентген и томографски снимања. Нивната ќерка 43-годишната Л.К. која го управувала возилото поминала со гребнатини, а по неопходните рентген испитувања и укажаната лекарска помош била препратена на домашно лекување.

Сообраќајката се случи денеска попладне околу 16 часот на крстосницата кај Башино Село на автопатот Велес-Гевгелија кога возилото управувано од 43-годишната Л.К. само ја предизвикало сообраќајната несреќа, а увид направила екипа на СВР Велес.