Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари нема решено дали ќе биде во идниот владин состав како министер. Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.
Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
– Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.
Според него, она што вчера било најавено во повеќе медиуми е точно и како што рече, наскоро ќе има официјални резултати од преговорите.
– За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен – рече Таравари.
На прашање на државата МИА дали ќе биде иден министер за здравство, тој рече дека нема решено и уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција.
Таравари ги коментираше и резултатите од прогласувањата и посочи дека биле во предност на 8 мај, а сега, како што рече се во огромна предност.
– Во Шестата изборна единица, ДУИ има еден пратеник помалку, ВЛЕН има еден пратеник повеќе, така што, нашиот вкупен број на пратеници е 14, ДУИ останува со 18 пратеници рече Таравари.