Белгија засега се воздржува од признавање на палестинска држава

Белгиската влада денеска расправаше за признавање на палестинска држава, но не донесе одлука за тоа, соопштија локалните медиуми.

Неколку партии од коалиционата влада, вклучувајќи ги „Зелените“, „Христијандемократи и фламанци“ и „Напред“ (социјалисти), бараат признавање, додека либералите од „Реформаторско движење“ и „Отворени либерални демократи и фламанци“ се воздржани по ова прашање.

Премиерот Александер де Кро изјави дека е премногу рано за признавање на палестинска држава и дека Белгија се стреми кон непосредно подобрување на состојбата на терен. Министерот за надворешни работи, Хаџа Лабиб, додаде дека признавањето е прашање на време и дека треба да има значаен ефект, а не да биде само симболично.

Во март, белгиската влада побара итен прекин на огнот во Газа и почитување на меѓународното право.

Девет од вкупно 27 земји-членки на Европската Унија ја признаваат Државата Палестина. Осум од нив го сторија тоа пред да се приклучат на блокот – уште кога палестинскиот лидер Јасер Арафат ја прогласи Палестина за независна држава на 15 ноември 1988 година – Малта, Кипар, Чешка и Словачка (до 1993 година Чехословачка), Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. По нив во 2014 година следеше Шведска, која стана првата земја што ја призна Палестина по пристапувањето во ЕУ.