Откако беше потврдена смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој загина во хеликоптерска несреќа, се очекува Мохамад Мокбер како потпретседател на Иран да стане привремен претседател на земјата.
Неговата задача ќе биде да помогне во организирањето на претседателските избори, кои треба да се одржат во рок од 50 дена од смртта на претседателот.
Ројтерс објави кратка биографија за Мокбер, во која се наведува дека тој е роден на 1 септември 1955 година и дека важи за близок до врховниот лидер Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни работи.
Мокбер стана прв потпретседател во 2021 година кога Раиси беше избран за претседател. Тој беше дел од тимот на ирански официјални лица кои ја посетија Москва во октомври и се согласија да достават ракети земја-земја и повеќе беспилотни летала на руската војска, изјавија извори за Ројтерс тогаш. Тимот вклучува и двајца високи функционери од Иранската револуционерна гарда и еден функционер од Врховниот совет за национална безбедност.
Мокбер претходно беше шеф на Сетад, инвестициски фонд поврзан со врховниот лидер.
Во 2010 година, Европската унија го вклучи Мокбер на списокот на поединци и субјекти што ги санкционираше за наводна вмешаност во активности поврзани со „нуклеарни или балистички проектили“. Две години подоцна, Мокбер беше симнат од списокот.
Во 2013 година, американското Министерство за финансии ги додаде Сетад и 37 компании што ги надгледуваше на листата на санкционирани субјекти.
Сетад, чие полно име е Сетад Ејраие Фармане Хазрети Емам, или Штаб за извршување на имамот, е формиран по наредба на основачот на Исламската Република, претходникот на Хамнеи, ајатолахот Рухолах Хомеини. Тој им наредувал на соработниците да продаваат и да управуваат со имоти наводно напуштени во хаотичните години по Исламската револуција во 1979 година и најголемиот дел од приходите ги насочил во добротворни цели.
Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан загинаа во хеликоптерска несреќа што се случи во текот на вчерашниит ден во планинската област Ворзахан.