Алкалоид го освои ракометниот Куп на Македонија

Возбудливо финале во Купот на Македонија, Алкалоид и Пелистер приредија вистински спектакл, победникот беше решен по изведување на пенали, а пехарот отиде во рацете на Алкалоид. Галевски повторно беше кобен, овој пат во изведувањето на пеналите. Регуларниот дел заврши 22-22.

Вечерва Алкалоид испиша нова историја, дојде до првиот пехар во своето кратко постоење. Со македонски прозидвод и само еден странец, Лазаров и неговите момци им одржаа лекција на големите, прво падна Вардар, а вечерва Пелистер.

Со две одбрани на Галевски во низа стартуваше првото полувреме. Манасков го отвори мечот, а по последните 3-2 и голот на Цехте, на другата страна следеше фуриозен одговор на Алкалоид од пет гола во низа за водство од 7-3 во 12-та минута. Нападот на Пелистер затае, му беа потребни цели седум минути за да постигне гол. Кузмановски двапати стрелаше за 7-5, откако Бинго не реализираше за плус пет, а Серафимов загуби топки.

Бинго зголеми на 8-5. Алкалоид водеше и со 9-6, 10-7 .Токму после оваа позитива, избраниците на Лазаров влегоа во серија на грешки, а на другата страна битолчани со серија од 4-0 на одморот го врати почетното водство од еден гол разлика (10-11).

Пелистер продолжи онаму каде што застана, Кузмановски на стартот на второто полувреме од седум метри зголеми на 10-12, Митев врати за 11-12. Но, Пешевски нешто подоцна зголеми на 11-14. По голот на Кузмановски за 12-15, следеше кам-бек на Алкалоид, од пет гола во низа (одбрана на Галевски) и враќање на водството (17-15) во 44. минута.

Пешевски ја искористи доминацијата, заедно со Радивојевиќ израмнија на 19-19 на 6:30 до крајот. Претходно видовме по две одбрани на голманите на двете страни, Трајкоски кај Алкалоид, на другата Лесјак им фати два седмерци на скопјани. Велковски го врати минималното водство 20-19. Пешевски израмни на 20-20. На три минути до крајот беше вистинска драма. Дамјан Митев повторно застана очи во очи со Лесјак, но овој пат погоди во вистинско време за 21-20 во 58 минута, Кузмановски донесе ново израмнување 21-21. Алкалоид во последниот преку Серафимов погоди за 22-21 на 30 секунди до крајот. На другата страна Кузмановски изнуди седмерец, и реализираше за 22-22. Митев не го искористи преостанатото време, па победникот се решаваше по изведување на пенали.

Алкалоид: Серафимов промаши, Симовски погоди, Митев погоди, Дамјан Митев промаши, Џонов погоди.

Пелистер: Кузмановски промаши, Кузманоски погоди, Радивојевиќ промаши, Ѓорговски промаши.