Фил Фоден избран за играч на сезоната во Премиерлигата

Сезоната во Премиерлигата ќе биде завршена со утрешното последно коло, а денеска беше објавен најдобриот играч во сезоната.

Признанието оваа година заврши во рацете на Фил Фоден.

Фудбалерот на Манчестер Сити беше одличен во текот на целата сезона, а сега победи во изборот во кој гласаа спортските новинари на Островот.

Иако има само 23 години Фоден беше клучен играч во тимот на Гвардиола кој со победа во последното коло против Вест Хем би стигнал до својата четврта титула во низа. Четири титули во низа во Премиер лигата досега не освоил ниту еден друг тим.

Фоден постигна 17 голови и запиша осум асистенции на 34 натпревари колку што одигра во првенство. Гвардиола го користеше на две позици и тој е втор по бројот на одиграни минути за клубот.