Управниот суд до доцна во ноќта расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата Европски фронт.
Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
По полноќ коалицијата ВРЕДИ ги поздрави одлуките на Управниот суд и повика на масовна излезност на граѓаните на повторено гласање на избирачкото место каде коалицијата, во зависност од исходот на гласањето, може да добие уште еден пратеник.
„Одлуката на Управниот суд е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај. Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат.
Промената започната на 8 мај почна да се реализира, но за да биде уште побрза и поефикасна, ги повикуваме граѓаните на Ларце, на избирачкото место 2101 во среда, 22 мај да излезат и да ја изразат својата волја, слободно, без да потклекнат на притисоците на ДУИ и нејзините манипулатори.
„Промена е неповратна. ВРЕДИ за Желино и за секој граѓанин во нашата земја“, се вели во соопштението на коалицијата ВРЕДИ.
Инаку, Европскиот фронт имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.