Човекот кој го нападна сопругот на Ненси Пелоси со чекан е осуден на 30 години затвор

Човекот кој во 2022 година со чекан го нападна Пол Пелоси, сопругот на поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, е осуден на 30 години затвор, објавија федералните обвинители.

Дејвид Депаип (44) на 28 октомври 2022 година насилно влегол во домот на Пелоси во Сан Франциско и го нападнал сопругот на Ненси Пелоси во политички мотивиран напад, според обвинителите.

Депаип во сведочењето на судењето рече дека неговата намера била да го земе Пелоси како заложник.

Поротата го прогласи Депаип за виновен во ноември за обид за киднапирање на федерален вработен и напад на член на неговото потесно семејство, објави Ројтерс.

Обвинителите побараа од окружниот судија во федералниот суд во Сан Франциско да го осуди Депаип, канадски државјанин кој живее илегално во САД, на затворска казна до 40 години.

Депаип сè уште се соочува со одделни државни обвиненија за кражба и напад, вклучително и обид за убиство на Пелоси, за што може да биде осуден на 13 години до доживотен затвор. Тој се изјасни за невин.

Пол Пелоси (82) при нападот се здобил со фрактура на черепот и други повреди.