САД ги зголемија царините за кинеските производи, со вкупна вредност од 18 милијарди долари

Белата куќа денеска објави дека значително ги зголемува царините за кинеските производи, во вкупна вредност од 18 милијарди долари, за да ги заштити американските компании и работници од конкуренцијата што Вашингтон ја смета за нефер.

Новите тарифи се однесуваат на десет индустриски сектори кои се сметаат за „стратешки“, како што се полупроводници, ретки минерали, медицински производи, електрични возила, на кои, на пример, тарифата ќе се зголеми од 25 на 100 проценти.

Царинските тарифи што ги воведе поранешниот претседател Доналд Трамп за кинески стоки сè уште остануваат на сила, а администрацијата на претседателот Џо Бајден само дополнително ги зголеми, за електрични возила дури четири пати – и сега изнесуваат 100 проценти, објави Белата куќа.

Како објаснување, администрацијата наведе „неприфатливи ризици за американската економска безбедност“ од евтините кинески производи кои го преплавија пазарот.

Вашингтон го обвинува Пекинг дека силно ги поддржува своите индустрии во стратешките сектори, со големи субвенции што доведуваат до огромно производство по ниски цени и на стоки што кинеските фирми ги фрлаат на светскиот пазар, спречувајќи го развојот на конкурентните индустрии во други земји.

Стравот од ова го делат и Европската унија и другите земји како Турција, Бразил и Индија, изјави американски функционер.

Покрај четирикратното зголемување на тарифите за електричните возила, Вашингтон ги зголеми царините за челик и алуминиум од 25 на 75 отсто, како и за батериите и полупроводниците од 25 на 50 отсто, а воведе и нови тарифи кои отсега важат за соларните панели и некои медицински производи.

Директорката на Националниот економски совет поврзан со Белата куќа, Лаел Бренард, оваа одлука ја оправда со фактот дека Кина „го финансира својот раст на сметка на другите“.

„Поради оваа неправедна практика, Кина ќе има капацитет за производство на соларни панели двојно повеќе од очекуваната краткорочна светска побарувачка“, рече таа.

Кинеското Министерство за трговија веднаш реагираше со најава дека одлуката „сериозно ќе влијае на атмосферата на билатералната соработка“ и ги повика САД веднаш да се откажат од своите „погрешни дејства“ и да ги укинат дополнителните царински мерки против Кина.

Во соопштението, Пекинг го изрази своето „длабоко несогласување“ и истакна дека Светската трговска организација одамна заклучила дека американските царини „ги кршат прописите“, но дека САД упорно продолжуваат да прават грешки.

Американски функционер потврди за Франс прес дека ниту една постоечка царина не е укината и дека денеска објавените царини за стоки со вкупна вредност од 18 милијарди долари се однесуваат на зголемување на веќе постоечките и воведување нови.