Поранешниот претседател Стево Пендаровски се откажа од правото на користење државна пензија, и одлучил да и се врати на академската кариера.
– Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, потврдија за МИА од неговиот тим.
Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават.
Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од неговиот поранешен кабинет.
-Во однос на административната и логостичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател – се вели во соопштението.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима шефот на државата, на канцелариски простор со најмногу тројца стручни соработници, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.
Правата кои произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.