Анкета на ИРИ за Западен Балкан: Силна поддршка за членството во ЕУ, нападите на Русија врз Украина се неоправдани

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ.“

Вашингтон,  ДЦ — Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана.

Земјите во кои беше спроведена анкетата се Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија.

Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

„Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет.“

Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки“, рече Мекарти.

„Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“.

Методологија

Истражувањето беше спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања  на ИРИ од страна на Ипсос во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година.

Податоците беа собрани преку интервју лице-в-лице кое беше администрирано со компјутерски асистирано лично интервју (CAPI) во домовите на испитаниците со користење на метод на повеќестепена веројатност кој е дизајниран да резултира со репрезентативни примероци на национално ниво во секоја од земјите.

Стапките на одговор се движат од 21% до 40%. Големината на примерокот по земја варира меѓу n=1.036 и n=1.238, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.