Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ во гостување на ТВ21 вели дека најдобра гаранција од ВРЕДИ во Владата, за тоа дека Македонија го продолжува европскиот пат, не постои.
Како што порача, ќе инсистира да почнат преговорите со ЕУ и да се направат уставните измени, а доколку тоа не се случи во период од 6 месеци, ќе го преиспитаат своето учество во Влада.
„Ни требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без услови, без ништо, да се изгубат 10 години за да станат дел од НАТО. Вреди е гаранција во Владата дека под секој услов ќе инсистира преговорите со Европската унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени, тоа е услов“, рече Таравари.
Тој вели дека Договорот со Бугарија е затворена работа, исто како Договорите од Охрид и Преспа, но се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека треба да почекаат јуни да видат како ќе се реализираат уставни измени.
„Договорот со Бугарија е непроменлив, не може да се преговара. Тоа е непобитен факт. Македонија бара гаранции.. Се согласувам со господинот Мицкоски дека треба да почекаме јуни за да ги видиме резултатите (во Бугарија), да ја видиме Владата и да седнеме со бугарската Влада да видиме како да ги спроведеме уставните измени“ , изјави Таравари.
Според Таравари, не 2030, туку Македонија има реална шанса да влезе во ЕУ дури во 2028 година.
„Некои велат дека во 2030 година, мислам дека до крајот на мандатот е веројатно некои држави, четири држави од Западен Балкан да станат полноправни членки на Европската унија. Не кажувам со сигурност, но велам дека постои реална можност“, рече Таравари на ТВ21.
Тој се осврна и парламентарните избори за кои кажа дека токму ДУИ го кренало ВМРО-ДПМНЕ, а доколку имало уште неколку дена кампања, тие би земале над 61 пратеник.
„На ДУИ цел наратив беше кон ВМРО, со тоа го кренаа ВМРО многу, им донесе гласови кај Македонците кои го гласаа ВМРО поради револт кон ДУИ. Да имаше уште неколку денови кампања со ваков наратив ДУИ ќе придонесеше ВМРО да имаат над 61 пратеник“, порача Таравари.