Седумдесет и осумгодишен маж од Општина Чешиново-Облешево на 16 септември починал по компликации од западно-нилска треска, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)
Годинава во Македонија, пријавени се вкупно 4 лабораториски потврдени случаи на западно-нилска треска. Вирусот на западно-нилската треска е присутен меѓу дивите птици, а на луѓето се пренесува при каснување од обичниот (домашниот) комарец кој претходно се заразил хранејќи се на птиците.
Првиот случај импортиран, е регистриран во април кај жител на Општина Василево, вториот случај е исто така импортиран, во јули кај жител на Кочани. Третиот случај е автохтон, во август кај жител на Тетово.
„Четвртиот случај е исто така автохтон, во септември 2024 година, кај жител од општина Чешиново-Облешево, на територијата на Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Кочани. Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со западно-нилска треска преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на 12 септември. Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°Ц. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од Итна медицинска помош Кочани е пратен во Клиничката болница во Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.
Со серолошко испитување потврдено е заболувањето западно-нилска треска.
Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16 септември за време на хоспитализација при Инфективната клиника“, вели ИЈЗ.
Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот и од медицинската документација од КБ Штип и инфектолози од Инфективна.
„Пациентот е пензионер, се занимава со земјоделство, татко на 2 деца, вдовец, кој живее во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење (низ РСМ) во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми.
Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, додека во општина Чешиново-Облешево планирана е тендерска постапка, но досега не се спроведени активности за дезинсекција“, велат од ИЈЗ.