5 милиони евра Владата потрошила за три години на возила за лизинг-ДКСК објави слабости во јавните набавки

Шемши Салаи на денешната 70-та седница на ДКСК реферирајќи за предмет за набавката на поголем број на возила од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија во 2021 година, нотираше низа слабости при спроведувањето на постапката за набавка на возила преку изнајмување по пат на оперативен лизинг на јавните институции.

– Потенцијалниот ефект на ваквиот недостиг е уште поголем доколку се земе предвид обемот на примена на оперативен лизинг од страна на институциите – врз основа на јавно достапни податоци, ДКСК утврди широко распространета пракса на склучување на договори за изнајмување на возила преку оперативен лизинг од страна на други државни органи, јавни институции и единици на локалната самоуправа, рече Салаи.

Тој посочи дека според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки заклучно со март 2022 година, во периодот од 2018 до 2021 година, како што наведе Салаи, биле склучени договори во вкупна вредност од најмалку 307750153 денари (5004068 евра). Договорите се склучени со различни оператори, при што учеството на Порше Лизинг ДООЕЛ Скопје е најголемо – 89 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во посочениот период.