Деветнаесет пливачи, осум во женска и единаесет во машка конкуренција, ќе земат учество на 37. Охридски пливачки маратон што ќе се одржи денеска.
Се плива на 25 километри долгата патека „Климе Савин” од Св. Наум до Охрид, а стартот е во 11 часот во Св. Наум.
Покрај домашните пливачи, Евгенија Поп Ацев, Леонид Мишевски, Александар Илиевски и Росана Гошева на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово.
Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.
Наградниот фонд на маратонот изнесува 12.000 евра, од кои 2.000 се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови.
Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival.
Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија.
Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.