Двајца од тројцата осомничени, кои се товарат дека му нанеле повреди на ракометарот Денис Тот и кои притоа извршиле кривично дело „убиство“ добија мерка притвор во траење од 30 дена.
„Постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје, судија на претходна постапка донесе решение да го прифати предлогот на Обвинителството и на двајцата приведени им одреди мерка притвор, заради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата“ – информираа од Кривичниот суд Скопје.
ЈО вчера соопшти дека за убиство на ракометарот на РК „Бутел“, Денис Тот се осомничени три лица, од кои двајца се лишени од слобода, додека третиот, кој е првоосомничен, е недостапен на органите на прогонот и по него се трага и е распишан централен распис.
„По добиеното известување од МВР за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата. Врз основа на прегледаните видео записи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од Кривичниот законик“ – информираа од Јавното обвинителство.
Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, според ЈО, исполнети се законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени предложи да им биде определена мерката притвор.
МВР информираше дека по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени дека „на ден 07.04.2022 година, околу 03:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р. Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје, при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“.
„Од страна на Итна медицинска помош лицето било пренесено во Ургентен центар при Клиниките „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош со реанимација и бил ставен на апарати за дишење, во критична состојба“ – соопшти МВР.