Дваесет и деветгодишен прилепчанец го загубил животот по тешката сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи на патот Прилеп – Градско, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според информациите, А.М.(29) им подлегнал на повредите во прилепската градска болница каде бил пренесен по сообраќајната несреќа која се случила нешто пред 18 часот.
Во неа учествувале патничко возило „ауди“, со кое управувало починатото лице и товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, зад чиј волан бил 38-годишниот З.Б. од Куманово.
Сообраќајката во Одделението за внатрешни работи Прилеп, според МВР, била пријавена во 17:57 часот.
„По наредба на јавен обвинител , телото на починатиот било дадено на обдукција, а увид на местото извршила екипа на ОВР Прилеп“ – информираат од МВР.
Поради несреќата, сообраќајот на патниот правец Градско – Прилеп, помеѓу раскрсницата за селата Ореовец и Плетвар, вчера вечер беше во целосен прекин.