Денеска се навршуваат 25 години од почетокот на НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, а таа годишнина ќе биде одбележана со низа комеморативни настани.
За 11 недели, според проценките од различни извори, загинале околу 2.500 цивили и околу 1.000 војници и полицајци.
Во бомбардирањето, кое траеше 78 дена, сериозно беа оштетени државна инфраструктура, стопански објекти, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата и воени објекти.
Нападите врз Југославија започнаа на 24 март 1999 година по наредба на тогашниот генерален секретар на НАТО Хавиер Солана, а Владата на СРЈ истата вечер прогласи воена состојба.
Акцијата на НАТО следеше по неуспешните преговори за решение на косовската криза во Рамбује и Париз во февруари и март 1999 година.
Бомбардирањето на Југославија заврши на 10 јуни, со усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Ден претходно претставниците на ЈНА и на НАТО во Куманово го потпишаа Воено-техничкиот договор со кој беше прецизирано повлекување на силите на ВЈ од Косово и влез на меѓународни воени трупи на таа територија, што веќе се случи на 12 јуни.
На одбележувањето на Денот на сеќавањето на загинатите во агресијата на НАТО во Прокупље, со почеток во 20:00 часот, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во текот на денот, во паркот Ташмајдан во Белград, посебно ќе бидат положени венци на Спомен-костурницата на загинатите деца за време на бомбардирањето на НАТО од претставници на Владата на Србија и политичките партии.
Најавени се и партиски прес-конференции и митинзи пред зградата на Генералштабот во Белград, која беше тешко оштетена во бомбардирањето, како и протест на Трг Република.