2021-ва беше бериќетна за Брус Спрингстин – заработка од 590 милиони долари
Најплатен музичар за минатата 2021 година е Брус Спрингстин со заработка од 590 милиони долари, објави списанието „Ролинг стоун“.
Најголем дел од заработката е од продажба на своите песни и авторските права минатиот месец. Договорот на музичарот со „Сони мјузик“ беше проценет на 550 милиони долари и тоа воедно претставува најголема продажба што еден музичар некогаш ја остварил.
„Сони“ на тој начин стана сопственик на 20-те албуми на Спрингстин, вклучувајќи ги тука и класиците „Born to Run“, „The River“ и „Born in the USA“. Слични договори потпишаа и Боб Дилан, групата „Блонди“ и Дејвид Боуви.
Вториот најплатен музичар за 2021 година е Џеј Зи. Поголемиот дел од неговата заработка од 470 милиони долари е од продажба на сопственичкиот удел од 302 милиони долари во „Тидал“ на коосновачот на Твитер – Џек Дорси.
На третото место се наоѓа Пол Сајмон, а потоа следуваат Кање Вест, Рајан Тедер, групата „Ред хот чили пеперс“, Линдзи Бакингем, „Мотли кру“, Блејк Шелтон и Тејлор Свифт.