Седумнаесетгодишно момче Ѓорѓи Николовски е среќниот фаќач на крстот, што Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, го фрли во водите на Вардар, денеска на Богојавление-Водици.
„Се најдобро за сите, Господ е голем, Господ гледа се, сите да имаат единство и да се обедини Македонија и македонскиот народ“, изјави среќниот фаќач.
Околу 160 учесници имаше на светиот чин во Скопје.
Среќниот фаќач беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан, од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата.
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век.
На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.