15 земји членки на ЕУ бараат од Брисел да ја ограничи цената на гасот во Унијата
Земјите потписнички бараат од Брисел да подготви план за ограничување на големопродажната цена на природниот гас во Унијата, а велат дека на вонредниот состанок в петок на министрите за енергетика на Унијата се очекува конкретен предлог по однос на ова прашање.
Меѓу 15 потписнички на барањето се и Бугарија, Хрватска, Грција, Италија и Словачка.
Група од 15 земји членки на Европската Унија го засили притисокот врз Брисел да подготви план за ограничување на големопродажната цена на природниот гас во целиот блок.
Тие испратија писмо до комесарот за енергетика Кадри Симсон каде што е наведено барањето за ограничување на цената на гасот, а додаваат дека на вонредниот состанок в петок на министрите за енергетика на Унијата очекуваат конкретен предлог по однос на ова прашање.
Документот го потпишаа министрите за енергетика од 15 земји: Белгија, Бугарија, Хрватска, Франција, Грција, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија и Шпанија.
„Ги признаваме напорите на Комисијата и мерките што ги предложи за соочување со кризата. Но, допрва треба да се справиме со најсериозниот проблем – големопродажната цена на природниот гас“ – се вели во писмото упатено до комесарот за енергетика Кадри.
Германија, Холандија и Данска, пак, велат дека ограничувањето на цените на гасот може да ја загрози безбедноста на снабдувањето со поткопување на способноста на ЕУ да привлече испораки на гас оваа зима.
Русија ја намали испораката на гас за Европа откако Западот воведе санкции кон Москва по рускиот напад на Украина оставајќи ги земјите да се обидат да обезбедат алтернативни испораки на гас.