102 години од раѓањето на великанот Блаже Конески

На денешен ден, пред точно 102 години, во село Небрегово, прилепско, е роден Блаже Конески.

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик – прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Конески како меѓународно реномиран славист, е еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, ценет професор.

Конески е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.). Исто така, тој е истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.

По ослободувањето на Македонија, Конески активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик: ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.