10 години од смртта на првиот претседател – Киро Глигоров

Денеска во Алејата на великаните на Градските гробишта – Бутел во Скопје, беше одбележана десетгодишнината од смртта на првиот претседател од независноста на државата – Киро Глигоров. Цвеќе на гробот на Глигоров положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина и делегација на партијата СДСМ.

„Киро Глигоров ќе остане запаметен како активен учесник во најважните процеси за политичко осамостојување на нашата држава. Со своите лидерски способности, умереност, мудрост и дипломатија даде исклучителен придонес за меѓународно признавање и етаблирање на земјата и го отвори патот за исполнување на стратешките цели“ се вели во соопштение од Кабинетот на Пендаровски.

Во владината делегација беа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за здравство Венко Филипче и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања – Калинка Габер.

Делегација од СДСМ за сочинуваа Миле Зечевиќ, генерален секретар, Ана Данева Маркова – членка на ИО на СДСМ и Марија Иванова, потпретседателка на СДММ.

Денеска се навршуваат 10 години од смртта на првиот претседател – Киро Глигоров кој на 8. септември 1991 година, по успешниот референдум ја прогласи независноста на државата.

Глигоров беше првиот македонски претседател кој се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации на 8. април 1993 кога Република Македонија стана 181 членка на ОН.

Глигоров почина на 1. јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.