Џонсон: Нема време за уставни измени за нов мандат на Трамп

- Има одличен мандат. Но мислам дека претседателот знае, и разговаравме за тоа, дека постојат ограничувања во Уставот, рече Џонсон пред новинарите. Тој додаде дека не гледа начин да се измени Уставот, бидејќи процесот трае околу десет години — време потребно за ратификација од сите држави. - Не гледам пат кон тоа, заклучи Џонсон.

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, денеска изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за уставните ограничувања и дека нема доволно време да се направат измени во основниот закон кои би му овозможиле на републиканецот да се кандидира за трет мандат.

Седумдесет и деветгодишниот Трамп вчера одби јасно да каже дека нема намера да се кандидира повторно, со што ги поттикна шпекулациите за можен обид да остане на власт и по завршувањето на актуелниот мандат.

– Има одличен мандат. Но мислам дека претседателот знае, и разговаравме за тоа, дека постојат ограничувања во Уставот, рече Џонсон пред новинарите. Тој додаде дека не гледа начин да се измени Уставот, бидејќи процесот трае околу десет години — време потребно за ратификација од сите држави. – Не гледам пат кон тоа, заклучи Џонсон.

Сојузниците на Трамп, меѓу кои и Стив Бенон, во неколку наврати сугерираа дека би можело да се испита можноста за укинување на ограничувањето на два мандата, запишано во Дваесет и вториот амандман на Уставот.

Трамп, пак, на митинзи и со продажба на капи со натпис „Trump 2028“ — годината на следните избори — често сугерира идеја за трет мандат.

– Тој се забавува дразнејќи ги демократите, кои паѓаат во паника дури и од самата можност, изјави Џонсон. Актуелниот мандат на Трамп истекува во јануари 2029 година.

Трамп вчера, исто така, ги пофали потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио како „одлични луѓе“, кои би можеле да се кандидираат на изборите во 2028 година.