Премиерот на Велика Британија – Борис Џонсон денеска се извини во Парламентот за прекршувањето на правилата за Ковид-19, со тоа што присуствувал на забавата за неговиот роденден во градината на „Даунинг Стрит 10“, поради што минатата недела беше казнет со 50 фунти од Метрополитен полицијата. Џонсон и министерот за финансии Риши Сунак беа казнети додека парламентот беше на велигденски одмор.
Пратениците за два дена, в четврток, ќе гласаат за тоа дали Џонсон треба да биде под истрага поради тврдењата дека го завел Парламентот со постојаното кажување дека ги следел правилата за Ковид-19 .
„Ја користам оваа прилика на првиот ден на нашето собирање да го повторам моето искрено извинување до Домот на општините. Веднаш штом го добив известувањето, ја потврдив грешката и гневот и кажав дека луѓето имаат право да очекуваат подобро од нивниот премиер“ – кажа Џонсон пред пратениците, додавајќи дека првично не сфатил дека со собирот ги прекршил правилата за Ковид-19.
„Во тој момент, или подоцна, не ми падна на памет дека собирот во кабинетот непосредно пред виталниот состанок за стратегијата за Ковид-19 може да значи прекршување на правилата. Повторувам дека тоа беше моја грешка и се извинувам за тоа, безрезервно“ – изјави Џонсон.