Британскиот премиер Борис Џонсон во изјава за британското радио рече дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја преминал црвената линија.
„Целиот свет сега знае дека украинскиот народ ќе се бори за својата земја. Тие веруваат во својата земја. Ја сакаат својата земја и ќе ја бранат до крај. Тоа беше нешто што навистина не го знаевме пред еден месец. Сега е целосно јасно. Тоа ја смени геополитиката. Ова значи дека имаме должност да им помогнеме. Имаме должност да им помогнеме да се заштитат себеси и своите најблиски“ – рече Џонсон.
Тој додаде дека Велика Британија повторно ја засилува својата помош и покрај досегашните 4.000 противтенковски оружја, ќе испрати „многу повеќе во следните неколку дена, уште 6.000 проектили и повеќе“.
„И она што ќе го кажам денес е дека Путин веќе го премина прагот на варварството во начинот на кој се однесува. Луѓето зборуваат за нови црвени линии за хемиско, биолошко, тактичко нуклеарно оружје или што и да е. За мене црвената линија е веќе помината. Бомбардира, неселективно, цивилни центри. Предизвикува огромен број жртви во сосема невини популации“ – рече Џонсон.
Џонсон го спореди украинскиот претседател Володимир Зеленски со неговиот политички херој – Винстон Черчил.
„Мислам дека претседателот Зеленски се покажа како многу извонреден лидер на својот народ – тој го обедини и беше неговиот глас. Тој знае, како што рече Черчил за себе, дека можеби не бил лав, но ја имаше привилегијата да рика. Украинскиот народ беше лав, а Зеленски ја изрази неговата волја и нивното чувство на пркос“ – рече Џонсон.