Премиерот на Велика Британија – Борис Џонсон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска одржаа заедничка прес-конференција во Лондон на која Џонсон рече дека двете земји делат чувство на „ужас и одбивност“ кон „бруталноста што ја претрпе украинскиот народ“.
Џонсон кажа дека нападот од утринава на железничка станица во источна Украина, во Краматорск покажува „колку длабоко потонала војската на Путин“.
Џонсон додаде дека Германија и Велика Британија им се придружиле на десетиците земји кои испраќаат оружје и заштитна опрема како шлемови и панцири во Украина.
„Европа каква што ја знаевме до пред само шест недели веќе не постои. Инвазијата на Путин е удар врз темелите на безбедноста на нашиот континент, но неговата желба да не подели очигледно не вроди со плод. Напротив, Путин ја обедини Европа и целата трансатлантска Алијанса за поддршка на Украина и взаемна солидарност“ – рече Џонсон.