Џеф Безос ги продава акциите на Амазон за првпат од 2021 година

Помалку од две недели откако го откри планот за продажба на 50 милиони акции од компанијата што ја основа, Џеф Безос продаде 24 милиони акции, во вкупна вредност од повеќе од четири милијарди долари. Продажбата, обелоденета во регулаторните документи, се случи во текот на само четири трговски дена.

Вториот најбогат човек во светот нема продадено акции од 2021 година, пишува Блумберг.

Основачот на Amazon не објасни зошто се одлучил на овој потег, но тајмингот на неговото објавување дава навестување. На 2 ноември тој објави дека се сели во Мајами од областа Сиетл. Причината за ова лежи во фактот што државата Вашингтон воведе данок на капитална добивка од седум проценти во 2022 година – нешто што Флорида моментално го нема – што значи дека овој потег досега на Безос му заштеди 288 милиони долари.

Акциите на Амазон пораснаа за 13 отсто оваа година до затворањето на тргувањето во понеделникот, кога Џеф Безос го продаде последниот од пакетот. Еден ден подоцна, акциите на компанијата паднаа за 2,2 отсто на 168,64 долари.

Даночната сметка од 288 милиони долари би била значајна неочекувана добивка за Вашингтон, кој собра 855 милиони долари од даноци на капитална добивка минатата година, од кои повеќе од половина дојдоа од само 10 лица, според официјалните податоци.

Свое преселување поради воведувањето на овој данок најавија и други милијардери од северозападната американска држава.