Џефри Сакс: САД ги спречија Москва и Киев да го потпишат договорот во март 2022 година

Русија и Украина речиси постигнаа мировен договор во март минатата година, но САД спречија конфликтот да заврши дипломатски, изјави американскиот економист Џефри Сакс во Виена на Меѓународниот самит за мир во Украина.

– Мирот може да се постигне со преговори, тој дури речиси беше постигнат со преговори во март 2022 година веднаш по почетокот (на инвазијата) – рече Сакс.

Тој вели дека во март 2022 година владите на Украина и Русија размениле документи и договориле договор со посредство на турската влада и неофицијално посредување на тогашниот израелски премиер Нафтали Бенет.

– Овој договор беше речиси постигнат и потпишан. Медиумите не пишуваат за тоа, но САД ги прекинаа преговорите – рече Сакс и додаде дека Вашингтон не сака конфликтот да заврши со преговори.

Тој истакнува дека САД ја напуштиле дипломатијата меѓу 2014 и 2021 година, охрабрувајќи го Киев да ги игнорира договорите од Минск.

– Преговорите се уште се можни. Ова бара американскиот претседател Џозеф Бајден да каже дека НАТО ќе престане да се шири доколку Русија престане да се бори. Тоа ќе биде основата на мирот – смета Сакс.

Меѓународниот самит, кој се одржа вчера во Виена, го организираа бројни невладини организации.