Џафери: Убеден сум дека ќе ги отстраниме предрасудите дека Албанците не можат и не знаат

Кандидатот за пратеник на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ во шестата изборна единица, Талат Џафери е убеден дека еднаш засекогаш ќе бидат отстранети всадените предрасуди и стереотипи во широкиот менталитет дека Албанците не можат, не знаат и немаат право.

Џафери, на денешната прес-конференција во Скопје, рече дека должноста премиер ја извршувал доследно и дека Албанците, како што посочи, имаат потенцијал и се подготвени за еден премиер за сите кој ќе практикува добро владеење.

„Премиерот за сите ќе води сметка за продолжување на политиките и ставовите на безбедноста и надворешната политика унифицирана според НАТО. Продолжување на унифицираните безбедносни надворешно-политички ставови со Европската Унија, за спречување на руското влијание во Северна Македонија и за одржување на стретешкото партнерство со САД“ – рече тој.

Џафери рече и дека им е потребна поддршката и довербата „за да го продолжиме проевропскиот курс на земјата за да обезбедиме сигурна иднина за следните поколенија со европски стандарди и вредности“.

Според него, на Владата под негово водство, иако прв приоритет и бил одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, таа во ниту еден момент не била надвор од рамката на функционална и доверлива институција.

„Докажавме дека одговорноста и водењето на државата ги носиме на еднаков начин, станувајќи пример на зрелоста и взаемната почит. Докажавме дека можеме да владееме одговорно во целата земја, во сите околности и со сите граѓани. Тоа се вредности што ги негуваме уште од независноста на државата, за градење на рамноправна држава и општество“ – рече Џафери.

На прашањето дали на прес-конференцијата настапува како технички премиер или како претставник на ДУИ, Џафери рече дека настапува како кандидат за пратеник, но и дека една од точките во изборната програма на Европскиот фронт е еден премиер за сите.

„Јас сум втор на кандидатската листа за пратеници во шестата изборна единица и како кандидат за пратеник одржувам прес денеска. Впрочем една од точките во програмата е премиер за сите така што во тој контекст нема никаква пречка да сум овде пред вас, пред сите граѓани“ – рече Џафери.