Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во рамки на работната посета на Општина Чашка, посети три основни училишта од овој регион. Премиерот, за време на посетата истакна дека за Владата од голема важност е училиштата во руралните средини да опстанат, и со вложувањето во училишната инфраструктура, се одржуваат во живот овие населени места.
Во Подрачното основно училиште „Петар Поп Арсов”, во селото Согле, наставата се одвива на македонски јазик, а премиерот го посети и новиот училиштен објект, каде наставата ја посетуваат и деца од околните села. Претседателот на Владата, Талат Џафери, за време на посетата на училиштето „Тодор Јанев”, каде има македонска и албанска паралелка, истакна дека од следната учебна година, во план е да се формира ново училиште, со што ќе се овозможи наставата да се изведува во физички одвоени установи.
Во својата изјава, премиерот информираше дека: „Во тек е процедура за решавање на просторните потреби за формирање на ново училиште на албански јазик и со тоа фактички ќе се овозможи наредната школска година наставата да се изведува во две издвоени, посебни училишта, во кои, според статутите и програмите, ќе се изведуваат наставите на соодветниот јазик како што и се формирани”.
Премиерот Џафери го посети и училиштето „Лириа” во Долно Јаболчиште, каде течат градежни активности за зголемување на капацитетот на оваа основна образовна установа. Во ова училиште учат 836 ученици, а од нив 117 учат во подрачното училиште во Долно Јаболчиште.
Во ова подрачно училиште учениците досега следеа настава до петто одделение, а по реновирањето на училишната зграда, од следната учебна година, учениците ќе можат да следат настава до деветто одделение.