Токму Советот на Европа беше организацијата преку која почна нашето европско и евро-атлантско интегрирање и со чија експертиза и инструменти работевме на достигнување на европските стандарди во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права.
На првиот самит Европска Унија – Западен Балкан, кој се одржа пред 20 години во Солун, беше заклучено дека сите земји од Западен Балкан ќе станат интегрален дел од Европската Унија откога ќе ги исполнат воспоставените критериуми од Копенхаген, истакна собранискиот спикер Талат Џафери на конференцијата „Меѓупарламентарниот дијалог за понатамошно промовирање на европската интеграција на Западен Балкан“.
„Оттогаш се соочивме со голем број предизвици, но постигнавме и многу успеси. Моравме да донесеме тешки одлуки, убедени дека го правиме исправниот избор за иднината на земјата“, нагласи тој.
Како земја, нагласи дека остануваме посветени и на понатамошната имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година и очекуваме искрена волја од двете страни за доближување и градење доверба во решавањето на билатералните прашања.
„Верувам дека ќе се согласите дека геополитичките промени на европскиот континент потврдија дека политиката на проширување останува најдобрата алатка за мир, сигурност, стабилност и просперитет. Затоа апелирам Европската Унија и земјите членки на Унијата да продолжат поактивно и решително да го поддржуваат процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан. Имајќи го предвид постигнатиот напредок во спроведувањето на клучните реформи, ни треба редовен заемен дијалог со Унијата и јасна временска рамка за доделување членство како признание на досега постигнатото. Сметам дека понатамошното одложување на процесот на пристапување би можело да го доведе во прашање угледот на Унијата како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка улога. Тоа остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси и охрабрување за трети страни да го зајакнат својот интерес во регионот“, нагласи Џафери.
Балканот, според него, е од голем интерес за Унијата од политички, безбедносни и економски аспект. „Со заедничките предизвици, како хибридните и безбедносните закани и со климатските промени, мораме да се справиме заеднички, за да изградиме поотпорни општества во тој контекст. Затоа ни е важно во Европската Унија, и покрај сложените околности, да доминира определбата за продолжување со проширувањето како обединувачки проект, заснован на автентичните европски вредности“, нагласи тој.