Џафери: Немам комплекс со што ќе доаѓам на работа, дали со „мерцедес“ или со приватно возило

Немам комплекс со што ќе доаѓам на работата, дали со „мерцедес“ или приватно ќе си одам дома. Обврска на институцијата е да обезбеди соодветни предуслови за извршување на функцијата, рече претседателот на преодната влада Талат Џафери на прес-конференција по примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател на Владата Димитар Ковачевски и претседателот на преодната влада.

„Иронијата на ’мерцедесот’ не му служи никому. Владата има компетенции и одговорности со Устав и со закон, ако одите по уредбата за обврската за создавање на безбедносни услови за вршителите на трите највисоки функции во државата, има посебни одредби. Но, се знае дека во државата во моментот целосно не можат да се обезбедат тие предуслови. Седум години сум бил претседател на Собранието, па не сум прашал со што ќе се возам. Тоа е обврска на институцијата која треба да обезбеди соодветни предуслови за извршување на функцијата“ – изјави Џафери.

На прашањето која ќе биде неговата прва работа со која ќе се зафати во премиерскиот кабинет, кој ќе биде неговиот фокус, Џафери рече дека после завршување на протоколарните процедури ќе продолжи нормалното функционирање на Владата.

„Денеска е примопредавањето на должноста и прво што се прави е скрининг на она што е организација, функционирање и поставеност на Владата. Имајќи во предвид дека ова е нов состав на Владата, прво и примарно е создавање на соодветни инструкции и тек на работа, да се изберат комисии и да се изберат работни тела кои треба да функционираат во однос на подготовки и спроведување на обврските на Владата. Тука е планирање на првата конститутивна седница на Владата и на наредната седница. По завршување на овие протоколарни процедури, ќе настапи комуникација со претставниците на Владата, со цел да се направи динамика на сите овие активности и да се постави систем на нормално функционирање на Владата“ – рече Џафери.