Џафери: Лизингот е поевтин од купувањето моторно возило во сопственост, тоа не е новост – туку пракса

Техничкиот премиер Талат Џафери, во врска со набавката нови возила на лизинг од страна на Владата, рече дека тоа не е новост и дека станува збор за воспоставена пракса.

Според него, лизингот е поевтин од купувањето моторно возило во сопственост бидејќи, како што рече, за периодот додека трае лизингот или по време или за поминат километар по возило, гаранцијата и одржувањето е на давателот на услугата, а не на побарувачот.

„Тие возила по пет години, ако останат на користење на институцијата, одржувањето би било поскапо отколку да се направи механичка замена на возилата според условите во договорот. Така да во тој контекст претпоставувам и би требало да е поевтино и имајќи предвид дека нема последователно за одржувањето да се трошат повеќе средства отколку што би чинело ново возило“ – рече Џафери денеска по увидот во градежните активности на делницата Петровец – Катланово.

На прашањето дали е ова погоден момент за набавка на возилата, со оглед на тоа дека е предизборие, тој рече дека тоа не зависи од моментот – туку зависи од постапката, од периодот на заменливост.

„Мора да се спроведе договорот имајќи предвид дека е тоа редовна активност и не е пречка да се спроведе и во овие околности“ – рече Џафери.