Безбедноста на нашите граѓани, на државата и на светот во крајна инстанца е важна, најважна, особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и ако сакате, современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на Годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026), организирана од женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ).
– Потребни сме си едни на други, затоа што сега, како полноправна земја членка на НАТО, неопходно е да бидеме рамноправни и рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот. Во исто време, мораме да ги изградиме и нужните механизми за отчетност и напредок кон преговорите за членство во Европската унија. Затоа сме во овој реформски процес за демократско управување со разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија, затоа што само реформирани институции кои имаат мандат да вршат надзор и контрола можат да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред се во државата и нејзините институции, рече Џафери.
Тој нагласи дека несомнено Собранието, како законодавен дом и заштитник на правата и слободите на граѓаните е местото, каде што тие неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат во законска рамка, која е основата врз која се градат идните односи за безбедноста на граѓаните и државата.
Џафери напомена дека направени се законски измени во насока на реформскиот процес, кои се прилагодени на стандардите на Европската унија и НАТО, со кои се воведуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции. Тој изрази и уверување дека со преземените мерки и активности согласно законските измени, ќе се обезбеди и зголемено ниво на отчетност од страна на сите чинители.
– Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење, пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање на одржливо решение кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано подеднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со Европската унија и првиот преговарачки кластер, односно Фундаменти, рече Џафери.