„Поскора адаптација на европскиот наратив за проширувањето, со оглед на драстичната актуелна промена на европското безбедносно, економско и енергетско милје и долгорочните последици кои тоа ќе ги има врз нашиот континент. Време е вашата визија за иднината на Европа да се преточи во дела, процесот на проширување да продолжи со поголема динамика и во најскоро време конечно да почнат преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија во ЕУ“. Ова е пораката што денеска ја упати претседателот на Собранието – Талат Џафери на конференцијата на претседатели на парламенти на Европската Унија што се се одржува на Брдо кај Крањ.
Според него, стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјава во изминатите децении, во голема мера се должат на неизмерната поддршка по разни основи од страна на Европската Унија и нашите меѓународни партнери.
„Првиот момент е воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година, со што се отворија можностите за договорна соработка во повеќе области од заемен интерес, особено соработката која се одвива преку Договорот за стабилизација и асоцијација. Вториот момент е вашиот придонес за Охридскиот рамковен договор во 2001 година, со кој денес го славиме соживотот во нашата држава и моментот со кој ја избегнавме судбината која ја искусија поголемиот дел од нашите соседи во регионот. Третиот момент е поврзан со вашата директна вклученост во надминувањето на најголемата политичка криза во нашата земја во 2015 година и напорите кои ги вложивте за ние повторно да се вратиме на нашиот интеграциски пат, и последниот момент е вашата поткрепа за надминување на отворените прашања со Република Грција и Република Бугарија, како дел од предусловите за наше отпочнување на преговорите за членство со Унијата“ – изјави Џафери.
Џафери потсети дека ние сме посветен партнер на ЕУ, кој активно придонесува за нејзината безбедност и стабилност, особено во моменти на наплив на бегалци, како што беше кризата во 2015 година.