Џафери во ЕП зборуваше за Жан Моне процесот и важноста на измените на Деловникот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се обрати на Конференцијата на Европскиот парламент на тема „Креирање на парламентарна демократска култура преку дијалог и градење консензус“. Џафери зборувал за дијалогот на парламентарните групи во рамки на Жан Моне процесот, посочувајќи дека „овие измени на Деловникот се важни затоа што ќе ни овозможат да се фокусираме на суштинските прашања без при тоа да бидеме забавени од сите процедурални пречки кои се вистински предизвик за работата на Собранието’.

Во својот говор Џафери истакнал дека креирањето на парламентарна култура е нешто на што се посветил уште од првиот ден на стапнувањето на функцијата претседател на Собранието.

На конференцијата во ЕП, Џафери зборувал за Жан Моне процесот, потенцирајќи дека тоа е долгорочен процес, кој може да трае и неколку години при што, се состои од неколку рунди на дијалог, секоја рунда е за едно одредено прашање или пак може да биде за неколку прашања и се одвива помеѓу пратениците од различните политички пратенички групи. При тоа, секој круг на дијалог има своја специфична цел, а сите рунди заедно имаат многу поширока, сеопфатна цел, а тоа е визијата за градење култура на доверба и дијалог во Парламентите.

-Ако сакаме да имаме култура на дијалог меѓу политичките партии застапени во Собранието, ние мора да работиме заедно. Но, да нема недоразбирање – тоа не значи дека бараме униформност. Ние сите сме членови на различни политички партии, со различни политички програми за кои сме добиле доверба од граѓаните и согласно тие програми даваме приоритет и на различни цели и имаме различни начини да ги достигнеме тие цели, било да се работи за во Собрание, во Европски парламент или во кој било демократски парламент низ светот, рекол Џафери.

Според него, најважниот елемент на дијалогот Жан Моне е тоа што тоа е некој вид на вежба помеѓу колеги, каде што пратеници од Европскиот парламент, кои се демократски избрани претставници, зборуваат на рамноправна основа со пратеници од Собранието, кои се исто демократски избрани претставници, за прашања со кои се соочуваат во текот на работата како парламентарци.