Претседателот на Собранието – Талат Џафери оствари средба со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика – Жозеп Борел.
Џафери искажал задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е повеќе од потребна јасна потврда на европската перспективна на земјата, имајќи ги предвид, како што кажа, тековните настани во Украина и одредени случувања во нашето соседство, кои покажуваат колку брзо може да се промени мирот и стабилноста и рапидно да се зголемат безбедносните, економските, енергетските и други предизвици на континентот.
Тој го информирал Борел за донесената Декларација во Собранието, со која најостро се осудуваат воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се повикуваат институциите на Република Северна Македонија да помогнат во обезбедување хуманитарна помош за бегалците од Украина.
Борел искажал особено задоволство од реализацијата на средбата поради неговата долгогодишна историја во парламентаризмот и неговата претходна функција како претседател на Европскиот парламент. Како добар познавач на регионот и застапник за процесот на проширување, ги поздравил чекорите преземени за унапредување на евроинтеграцискиот пат и повикал на надминување на одредени прашања укажани од страна на Европската комисија, кои првенствено одат во прилог на националниот интерес, но и на членството во ЕУ.
„Од страна на претставниците на пратеничките групи и помалите политички партии беше едногласно потврдена определбата за унапредување на европската интеграција на државата, беше пренесена намалената поддршка кај граѓаните за ЕУ и стравувањето за губење на кредибилитетот на ЕУ доколку состојбата не се промени, како и силната поддршка за граѓаните на Украина, нивното право на самоопределување во нејзините меѓународно признати граници“ – се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.