Џамбазов со концерт во Охрид по 27 години: „Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари“

„Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за овој концерт, уште еднаш нѐ увери мојот менаџер и мене дека можеме сами да си организираме“, рече Џамбазов на прес-конференција во Охрид, пред утрешниот (19 јули) концерт на Антички театар од 21 часот.

Најпознатиот шоумен, актер и текстописец, Игор Џамбазов, по 27 години се враќа со концерт во Охрид, со бенд.

„Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за овој концерт, уште еднаш нѐ увери мојот менаџер и мене дека можеме сами да си организираме“, рече Џамбазов на прес-конференција во Охрид, пред утрешниот (19 јули) концерт на Антички театар од 21 часот.

Актерот вели дека концертот му бил дамнешна желба која со годините му поминала, па сега му се вратила. Идејата била на менаџерот Васко Павлески од продукција „Фреш унион“.

„Дваесет и седум години немам настапено со бенд во Охрид, никој ме немаше покането. На Антички театар, кој за мене е една магична сцена имам пеено само како гостин на групата ‘Нокаут’, а утре ќе ми биде прв концерт. Десет години немам стапнато во Охрид, во центарот на градот, сега се потсетив какви се гужвите за паркинг среде сезона. Сега се чувствувам дека го изневерувам Дојран со Охрид. Езеро има и овде и таму, ама цените се различни“, изјави познатиот шоумен за „СДК.мк“

На концертот во Охрид, гости ќе му бидат Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Тамара Тодевска, негови стари соработници.
Со колегите од неговиот матичен Македонски народен театар (МНТ), сношти во Домот на култура „Григор Прличев“ ја играше претставата „12“ во рамките на Охридско лето, а по концертот, Џамбазов се враќа во Дојран каде што е во завршна фаза неговата куќа со поглед на езеро.