Ќура обвини за тајна коалиција меѓу опозициските партии во Советот на Струга, за блокада на Општината

Градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура денеска на прес-конференција обвини дека политчките структури од НАИ, СДСМ и независната листа на Рамис Мерко формирале тајна коалиција со цел да го блокираат работењето на Општината. Ваквата ракција доаѓа откако вчера пропадна и третиот обид за избор на претседател на општинскиот Совет поради немање кворум. Седницата ја напуштија осуммината советници на НАИ, а тројцата од независната листа на Мерко и единствениот советник на СДСМ воопшто не се појавија.

Градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура денеска на прес-конференција обвини дека политичките структури од НАИ, СДСМ и независната листа на Рамис Мерко формирале тајна коалиција со цел да го блокираат работењето на Општината. Ваквата реакција доаѓа откако вчера пропадна и третиот обид за избор на претседател на општинскиот Совет поради немање кворум. Седницата ја напуштија осуммината советници на НАИ, а тројцата од независната листа на Мерко и единствениот советник на СДСМ воопшто не се појавија.

– Вчера излезе на површина една голема вистина. Граѓаните јасно видоа кој со кого во реалноста е во коалиција, на штета на граѓаните. Тоа се старите политички структури во Струга, кои продолжуваат да бидат здружени на штета на Струга и на интересите на граѓаните. Деновиве сме сведоци како овие структури, кои ги носат амблемите на НАИ, СДСМ и Листата Мерко, имаат формирано тајна коалиција со цел да ги парализираат општинските институции, да го блокираат развојот на општината и благосостојбата на граѓаните, рече Ќура.

Со бојкотирањето на седницата, според него, НАИ, СДСМ и листата Мерко покажале дека воопшто не им се важни граѓаните и проектите, туку исклучиво нивните лични интереси.

– Вчера, советниците на антиграѓанската коалиција не дојдоа на седницата на Советот со цел да не ги поддржат буџетските програми, во кои се вклучени значајни проекти за 2026 година во вредност од пет милиони евра. Ова јасно покажува дека опозицијата продолжува со агонијата што ја практикува веќе 20 години и се обидува да ја примени истата политика и понатаму, на штета на граѓаните на Струга, истакна Ќура.

Вети дека нема да дозволи Струга и нејзините граѓани да бидат заложници на старите структури, кои, како што вели, две децении ја уништувале општината.

– Јас, како градоначалник, заедно со партиите на мнозинството, се договоривме дека, доколку опозицијата продолжи со блокирачките методи, во моментот кога ќе се исполнат законските услови, ќе се организираат предвремени избори за Општинскиот совет, за граѓаните да го дадат заслужениот одговор на ваквите политики. Заврши времето на блокади и политики од кои корист имаат само одредени поединци, рече Ќура.

Тој нагласи дека Општина Струга ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и ќе продолжи со реализација на ветените проекти.