За денеска со почеток во 13 часот е предвидена средба на коалициските партнери од власта предводени од СДСМ.
Како што најави премиерот Димитар Ковачевски, кој е лидер на СДСМ се очекува меѓу другото да се реафирмира ставот за одржување редовни парламентарни избори во 2024 година, заедно со претседателските.
По завршување на средбата, како што информираа од владината прес-служба, премиерот Ковачевски ќе одржи прес-конференција на која што ќе присуствуваат и лидерите од владината коалиција.
Ковачевски најави дека целта е да се направи рекапитулација на се тоа што е направено изминатите месеци од формирањето на новата Влада.
„Меѓу другото, ќе информираме за мерките кои ќе бидат преземени, а се вцртани во ребалансот на Буџетот, ќе направиме и осврт и на кризата како од аспект на енергетската криза, кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите, суровините, предизвикани од нападот на Русија врз Украина“ рече завчера Ковачевски.
Тој најави и дека ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Република Северна Македонија и усогласување со системот на Европската унија.