
Ќе се оневозможи вештачкото зголемување на цените на недвижностите, вели директорот на Катастар
Секој граѓанин својата недоумица и прашање од областа на катастарското работење ќе може да ги постави до вработените од Агенцијата за катастар на недвижности и во директен разговор со нив да добие објаснување, во рамки на кампањата „Катастарот до тебе“, што стартува од утре, најавува во интервју за МИА директорот на Катастарот Иван Живковски.
Секој граѓанин својата недоумица и прашање од областа на катастарското работење ќе може да ги постави до вработените од Агенцијата за катастар на недвижности и во директен разговор со нив да добие објаснување, во рамки на кампањата „Катастарот до тебе“, што стартува од утре, најавува во интервју за МИА директорот на Катастарот, Иван Живковски.
Тој вели дека за мерките од страна на Народна банка за полесен пристап до кредити за прв стан, Агенцијата за катастар на недвижности го проширува Регистарот на цени и закупнини, со што во него ќе се евидентираат и цените на недвижностите содржани во преддоговорите со што ќе се следат пазарните трендови на цените, а воедно, потенцира, ќе се оневозможи вештачкото зголемување на цените на недвижностите.
Во постапка е изработка на веб-сервиси за пристап (увид и продажба) до податоците од Регистарот на цени и закупнини. Тие ќе овозможат онлајн увид и преземање или продажба на податоци од Регистарот на цени и закупнини преку порталот за електронски услуги на Агенцијата за катастар на недвижности.Така, ќе се овозможи директен пристап до податоците од Регистарот на цени и закупнини на сите заинтересирани физички лица и професионални корисници за потребите на нивниот делокруг на работа (даночни одделенија во општините, судови, проценители, банки, вештаци и др.), вели Живковски.
Посочува и дека службеното лице при запишувањето во катастарот на недвижности не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на правните основи што се поднесуваат при запишувањето, не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и не испитува дали правните основи се вистинити и во согласност со закон.
– Некогаш некои активности не се во наша ингеренција, зависат од општините (единиците на локална самоуправа), нотарите или приватните геодетски фирми. Ова го потенцирам затоа што во последно време сме споменувани во врска со легализациите. Тука надлежен орган не е АКН, туку единиците на локалната самоуправа. Значи, за нашите службеници е важно дали документите имаат печат, штембил, потписи и заверки, дали има соодветност на податоците дека се работи за таа и таа катастарска парцела, дали имаат геодетски елаборат, појаснува Живковски.
Истакнува и дека овозможиле сите граѓани да пријават веднаш доколку се соочат со каква било форма на корупција и оти само на тој начин може да се придонесе за изградба на поефикасна, правична и транспарентна администрација.
Тој вели дека вкупниот број предмети кои се во процес на решавање на крајот од март 2025 година во однос на крајот од декември 2024 година бележи намалување и нерешените 3.119 предмети се намалени на 3.025.
Живковски вели дека Агенцијата за катастар на недвижности интензивно работи на создавање нов систем за електронски катастар кој ќе има за цел да го модернизира и осовремени постојниот систем, а најавува и зголемување на услугите на електронскиот портал „е-услуги“ каде сега се достапни 104 сервиси преку кои граѓаните може да пристапат и да ги преземаат продуктите во дигитална форма.