Ќе се зголеми старосната граница за пензионирање во Франција

Претседателот на Франција, Емануел Макрон најави дека ќе спроведе контроверзна пензиска реформа со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за три години на 65 години, со што младите генерации ќе бидат принудени да работат подолго.

Во интервју за телевизијата Франс 2, Макрон рече дека промените ќе стапат на сила следната година.

„Има само еден начин да го направиме тоа ако сме паметни. Бидејќи живееме подолго, треба да работиме подолго. Минималната возраст за целосно пензионирање постепено ќе се зголеми од сегашните 62 на 65 години до 2031 година“ рече тој.

Макрон рече дека е отворен да разговара за возраста за пензионирање со синдикатите и потенцијалните промени. Сите француски работници добиваат државна пензија.

Неуспехот да се воведат предложените измени ќе значи дека владата ќе мора да го намали износот на пензиите, рече Макрон.