
Ќе продолжат инспекциските контроли, кај 70-80 проценти од објектите има неправилности
Мицкоски потенцира дека разработуваат акциски план за одреден период да се прогласи мораториум и да се отстранат сите тие неправилности за оние кои сакаат да функционираат со дејноста со која што функционирале.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека и понатаму ќе продолжат инспекциските контроли во сите јавни објекти низ државата, што стартуваа по трагедијата со пожарот во Кочани. Посочи дека кај 70-80 проценти од објектите биле воочени огромни неправилности.
-Да, ќе продолжат и понатаму. Тие течат. Никогаш не престанаа. Јас можат да кажам дека воочени се огромни неправилности. Кога зборувам за огромни неправилности, зборувам конкретно за 70-80 проценти од објектите. Не зборувам за исклучоци, туку за пракса која што функционирала и повеќе нема да функционира, рече премиерот на настанот за реконструкција и пренамена на стоковна куќа во современ мултифункционален центар и музеј во Општина Радовиш.
Мицкоски потенцира дека разработуваат акциски план за одреден период да се прогласи мораториум и да се отстранат сите тие неправилности за оние кои сакаат да функционираат со дејноста со која што функционирале.
-Но, истовремено морам да кажам дека и ресурсите и алатките со кои располагаме се ограничени. И со такви ограничени ресурси и алатки ќе продолжиме да ја истераме оваа работа до крај. И не само оваа работа, туку да спречиме да ни се повторуваат немили случувања и во иднина, рече премиерот Мицкоски.
Во тек се контроли во јавни објекти низ државата, за проверка на документацијата, исполнувањето на обврските од лиценците и дозволите, на техничките услови за работа и безбедносните стандарди. Општините се координираат преку Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за проверки на училиштата, градинките, спортските сали, културните домови, но и сите угостителски објекти и други места каде секојдневно се собираат граѓани. Поради недоволниот број инспекциски служби, особено во помалите општини најави меѓуопштинска соработка. ЗЕЛС ја презема улогата на координатор на сите активности на локално ниво, за меѓусебна помош и споделување на ресурсите и знаењата, а инспекциските капацитети ќе се стават на располагање таму каде има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија.