Ќе може да се вработуваат пензионери и средношколци – усвоени дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи.

Собранието денеска едногласно, со 73 гласа „за“, ги донесе дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи. Тој додаде дека законското решение ќе биде поддржано со грант од 200 илјади евра од германска институција.

„Од него сите ќе имаат полза и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат и да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат. Предност ќе имаат угостителство, земјоделството и услужната дејност кои имаат недостаток на вработени, а доколку ги прошириме дејностите може да се направи дисбаланс на пазарот на трудот. Ќе можат да работат студенти, пензионери, социјално загрозени лица, со што согласно закон не им се прекинува правото кое го имаат на пензија, на социјална помош, на студирање, а ќе може да бидат ангажирани и средношколци“, рече Стојаноски.

Државата, посочи тој, ќе им ги плати давачките, пензиското и здравствено осигурување. На овој начин нови 30 илјади вработени ќе бидат ставени во системот.

Собранието денеска со 59 гласа „за“ и 7 „против“ ја избра Бујаре Абази за комисионер и претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).