„Ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата“

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека автобусите на ЈСП ќе се постават пред сите институции и ќе блокираат сообраќај, се додека државата не го исплати долгот кој го има кон ЈСП.

Таа најави дека јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен токму како што и беше ветено во програмата „За модерно Скопје“.

-Проблемот е во сите оние во оваа држава кои не си ги почитуваат обврските. Ќе биде бесплатен како што беше најавено, целосно бесплатен јавен превоз во првите години од отпочнувањето на мандатот, што значи дека во втората половина на следната година бесплатен јавен превоз ќе има. Меѓутоа, со опструирање од страна на сите институции на државата, коишто 30 години ја изедоа оваа држава, ние не можеме да градиме поквалитетен град. Секој треба да си ја носи својата обврска и одговорност. Истото важи и за централната и за оние единици на локалната власт коишто не си ги подмируваат своите обврски – рече Арсовска.

Градоначалничката го наведе начинот на кој ќе се дејствува доколку не се подмират долговите.

– Плаќањето на долговите треба прво од човечност да се реализира. Знаете дека секој граѓанин или правно лице кога долгува нешто, знаете дека веднаш извршителите им наплаќаат. За жал, тоа не важи за овие институции. Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства – истакна Арсовска.