Ќе има ли предвремени локални избори во три општини?

Македонското Собрание денеска ќе ја започне 14. седница, на чиј предложен дневен ред се наоѓаат 31 точка. Меѓу нив се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, кој се предлага по скратена постапка.

Овој закон предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде што мандатот на избраните градоначалници е престанат, да може да ја извршува функцијата до изборот на нов градоначалник.

За да се усвои овој закон, потребно е двотретинско мнозинство.

Според информациите од Собранието, пратениците на ДУИ ќе го поддржат законот, додека пратеничката група на СДСМ до вчера попладне не го имаше формулирано својот став за гласањето за овој закон.

По последните парламентарни избори, во земјата и изборот на министри и пратеници, во Аеродром, Гостивар и Сарај се именувани вршители на должноста градоначалник.